ЕПИ ЦЕНТАР Интернационал заедно со Стопанската комора на северозападна Македонија како дел од Проектот за Развој на деловниот екосистем поддржан од УСАИД, изработуваат истражување на пазар кое ќе им помогне на македонските извозни компании подобро да настапат на регионалните пазари преку зголемена достапност до информации за главните пазарни сегменти во земјите на Западен Балкан.
Истражувањето е особено корисно за извозно - ориентирани компании од секторите земјоделство и градежништво, и ќе даде одговор на прашањата каде да се насочат идните домашни пазарни вишоци, какви се условите на регионалните пазари и кои се идните правци на развој на регионалната трговија.
За таа цел беше изработен „Информатор за извоз за домашните компании“ кој ги идентификуваше приоритетните развојни насоки на домашните компании врз основа на статистички макроекономски податоци и теренско истражување на мислењето на домашните компании.
Домашните извозно-ориентирани компании се запознаени и активни во истражувањето преку учество во фокус-групи организирани од страна на партнерите, кои имаат за цел директно да ги запознаат истражувачите со состојбите на терен.
Деталното истражување на регионалните пазарни сегменти ќе ги препознае најдобрите потенцијали за домашните извозници, главните играчи на пазарите од интерес, законската регулатива која се однесува на трговијата и стандардизацијата на производите. За таа цел, кон истражувачкиот тим ќе се приклучат експерти од регионалните земји кои во првата фаза од истражувањето беа идентификувани како најповолни за проширување на македонските компании во блиска иднина.
По завршување на истражувањето ќе биде организирана работилница на која ќе се бидат презентирани резултатите пред домашните компании – извознички и на која компаниите ќе имаат можност да се запознаат со регионалните пазари преку директно вмрежување со ангажираните експерти од странство.