Форумот „Како да се подобри бизнис опкружувањето во Македонија - општествени и економски промени“ коj се одржува во Скопје, во хотел Александар Палас, на 26.09.2018 (среда) со почеток од 11 часот.
Целта на Форумот е да се обработат и дискутираат теми поврзани со даноците и работните односи, кои се специфични за ИКТ (информатички и комуникациски технологии) секторот, односно:
- · даночна регулатива (данок на додадена вредност, данок од добивка, персонален данок) и
- · работна сила (зголемување на обемот на достапна ИКТ работна сила, планирање и регрутација на работна сила, доквалификација и реквалификација на кадар)
На оваа средбата има присутни претставници на бизнис заедницата, јавниот сектор, здруженијата на граѓани, и секако партнерите на МАСИТ и останатите Комори од Македонија, регионот и пошироко.
Форумот се организира во рамки на Проектот на УСАИД – „Партнерство за подобра бизнис регулатива“, четиригодишен проект финансиран од УСАИД Македонија, имплементиран од ЕПИ Центар Интернационал во соработка со Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ, Стопанската комора на Македонија, Стопанската комора на Северо-Западна Македонија и Сојузот на стопански комори на Македонија.
Целта на овој проект е да се подобри усогласеноста на микро, малите и средни претпријатија со законските регулативи а воедно и да се поддржат коморите во воспоставувањето на конструктивен дијалог со надлежните институции со цел подобрување на регулативата. Во истата насока, се продлабочуваат започнатите дискусии за време на минатогодишниот форум и се посветува особено внимание на даночното опкружување и на проблемите поврзани со работната сила.
На Настанот во Битола на истоимената тема, се подготвивме за денешната дискусија и се сретнавме со локални компании и институции кои дадоа особен придонес за клучните прашања од темата.
Со оглед на фактот дека ИКТ секторот е еден од најбрзорастечките бизнис сектори не само во Македонија туку и во светот, исклучително е важно да се работи на изнаоѓање решенија кои ќе овозможат непречен развој и напредок на овој сектор. Со ова, ќе се овозможи креирање на конкурентна средина за ИКТ компаниите кои ќе бидат во тек со светската ИКТ динамика.