На 11 април 2018, во Кочани, Проектот на УСАИД - Партнерство за подобра бизнис регулатива одржа инфо сесија на тема „Приоритетни прашања и проблеми за промена на Законот за работни односи“. Настанот беше наменет за сите микро, мали и средни претпријатија кои се соочуваат со тешкотии во имплементирањето на законите како и и информирање на претпријатијата за полесно спроведување на овие регулативи и јакнење на јавно-приватниот дијалог.
„Како претставници на бизнис заедницата повеќе пати сме се соочиле со проблеми при имплементација на законските одредби од областа на работните односи. Во текот на имплементацијата на Законот, постојано се наметнува потребата од доуредување на некои од одредбите со цел истите да бидат недвосмислени, односно да бидат јасни во примената. Прашањата на работните односи и трудовото право, како што некои теоретичари го нарекуваат „правото на животот“ е постојано актуелна тема, која, покрај тоа што континуирано мора да се следи, мора да се надградува со нови знаења, особено во време, кога легислативата од оваа област е динамична и подложна на промени кои декларативно имаат за цел да се подобри трудовото законодавство, особено во релациите работодавач – работник, во сите сегменти, од приватниот до јавниот сектор. изјави г-ѓа Александра Чавдаревска, правник на МАСИТ
Преку различни излагања, учесниците на информативната сесија беа во можност да ги отворат темите како што се: флексибилно работно време и потребата од истото во современиот начин на работа, работа од дома особено во ИТ секторот, потребата од волонтери кои всушност и не се опфатени со законската регулатива, поимот пробна работа и неговото спроведување во пракса без истото да се искористува во негативен аспект итн. Беа отворени и нови теми и прашања, кои ќе бидат разработени, а со цел да се олесни работењето на сите фирми, а во иста насока и да се допринесе кон подобрување на сегашната законска легислатива.
Во наредниот период проектот ќе продолжи да работи на конструктивни решенија за подобра правна усогласеност на компаниите и поддршка на механизмите за јавно – приватен дијалог помеѓу сите засегнати страни. Сите проектни активности ги спроведува ЕПИ ЦЕНТАР Интернационал и четирите клучни партнери: Стопанска комора на Македонија; Стопанска комора за информатички и комуникациски технологии - МАСИТ, Стопанска комора на северозападна Македонија и Сојуз на стопански комори на Македонија. Преку активно учество во имплементацијата на проектот, коморите воедно ќе ги зајакнат и сопствените капацитети за подобро да ги застапуваат микро, малите и средните претпријатија.