Едно од најважните прашања кои значат развој во областа на земјоделството се советодавните услуги. За да се оствари развој на ова поле, исклучително е важно фармерите да добиваат квалитетни и соодветни информации кои се од значење за нивните бизниси.
Со цел да се стави внимание на подобрувањето на првиот Нацрт Закон за советодавни услуги во земјоделство, како и да се добијат релевантни информации во истата насока, ЕПИ ЦЕНТАР Интернационал и стопанските комори заедно со Факултетот за земјоделски науки и храна (ФЗНХ) и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство организирааа информативен настан на тема ,,СОВЕТОДАВНИ СЛУЖБИ И УСЛУГИ ВО ЗЕМЈОДЕЛСТВОТО СО ПОСЕБЕН ОСВРТ НА НАЦРТ ЗАКОНОТ ЗА СОВЕТОДАВНИ УСЛУГИ ВО ЗЕМЈОДЕЛСТВО“.
Овој информативен настан беше наменет за сите субјекти кои имаат значење во системот на советодавни услуги. Сепак, особено внимание се обрна на националниот сервис за советодавни услуги односно Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството како и микро, малите и средните претпријатија од сектор за земјоделство. Исто така, се стави фокус и на другите придружни преработувачки индустрии од секторот на прехранбената индустрија. Причината за ова е што сите наведени се соочуваат со одредени тешкотии кога станува збор за користењето на услугите од советодавните институции што претставува резултат на потешкотиите во имплементирањето на самите закони.
Настанот ги поттикна засегнатите страни на дискусија со цел да се разработат иницијативи насочени кон подобрување на текстот на Законот. Исто така, се добија и релевантни сугестии за придружната програма за советодавни услуги која исто така е составен дел на предложената законска регулатива. Во иднина се очекува да се одржат дополнителни јавни настани каде што чинителите во секторот ќе дискутираат за финализирањето на Законот и планираните подзаконски решенија.
Ни беше чест и задоволство што имавме можност да отпочнеме дискусија и да работиме на постојано подобрување на функционирањето и развојот на бизнисите а особено на земјоделството кое е исклучително важно за нашата економија.