Проектот на УСАИД Партнерство за подобра бизнис регулатива во текот на 2018 година успешно ја имплементираше ваучер шемата за помагање на компании од областа на текстил и градежништво во процесот на нивно усогласување со законската регулатива од областа на безбедност и здравје при работа.
Во два циклуси на обуки беа обучени 189 професионалци од 48 различни компании за спроведување консултантски услуги кај компании корисници на ваучер шемата и истите подоцна беа ангажирани за извршување на услугите, по избор на грантистите.
Вкупно 27 грантисти, 23 етаблирани и 4 старт ап компании искористија ваучер за консултантски услуги заклучно со октомври 2018, во вкупна вредност од 1.952.619 ден. и за кои проектот финансираше 53% од средствата. Заради успешноста на моделот на ко-финансирање услуги преку доделување на грантови преку имплементација на ваучер шема, проектот размислува повторно да објави повик во 2019 година.
Наредниот повик е замислен да ги намали или целосно отстрани секторските ограничувања на апликантите и со тоа да го прошири опсегот на делување. Партнерство за подобра бизнис регулатива преку ваучер шемата ќе продолжи да ги поддржува сите големини на претпријатија, со особен фокус на развојот на микро, мали, средни претпријатија и старт ап компании.
Проектот Партнерство за подобра регулатива е финансиран од УСАИД, координиран од страна на ЕПИ ЦЕНТАР Интернационал и четирите стопански комори: Стопанска комора на Македонија, Стопанска комора за информатички и комуникациски технологии - МАСИТ, Стопанска комора на северозападна Македонија и Сојуз на стопански комори на Македонија.